nnnn

февруари 02, 2010

ЛИТОСТ (Според еден збор кај Кундера)

Истанбул врие
Лие од секое каменче
Вака никогаш не врнело во Скопје
Театaр
Монодрама во малата хотелска соба
додека истородни кирилични букви
се лијат по моите набрекнати гласни жици
додека во прстите понира кундеровското чувство
додека флуктуира Литоста
Скопје е далечно Скопје е суво
Знам од нет
Ти си далечен Ти си без движења Нестварен
Знам од сеќавања
Никогаш толку јасно како сега
Само буква Процеп во меморијата
Временска пукнатина во ѕидините на Бизант
Тука не грми филмски Тука врне
без драматизација Џамиите застрашувачки
гласно ја извикуваат
ја повторуваат цело попладне страшната
буква од твоето име
како тоа да е сосема природно
како што е природно да чувствувам толку литост
поради фактите од твојот живот
твоите лични фобии
Фрустрации
Ротација Филмски сет
Султанските сводови
Атриумите Цистерните
Спинално се вртат околу сопствената оска
Како тоа да е сосема политички коректно
Како што е eтички коректно секој збор
да ја содржи таа буква
со лична симетрија И сe се врти
Ротира Босфор околу својата
четврта буква Магија
Историја во филџан кафе
Мал е и Босфор за да го удавам ова чувство
Оваа кундеровска литост
Мириса на предавство
На твојата прва буква Мириса на тебе
Илјадници кирилични букви
Од олуците Од минарињата кои врескаат
Од главата полна експлозии
Огномети Форми
Сини Големи Непредвидливи
Како ветрот Како тебе
Босфор ја завива својата четврта буква
застрашувачки гласно Камбаните пукаат
Мојата литост непопустлива е

ноември 06, 2009

ВОСОЧНА ФИГУРА

Во мојот сон
Ти се влечеш на колена
(ама не пред мене)
Во мојот сон
Ти се влечеш на колена
(ама пред друга)
Во мојот сон
Јас купувам бели чевли
Купувам без контрола
Стотици рала бели чевли
Износени и нови
Во мојот сон
Јас сум само сенка
Ти си восок
Подрастопен
Смешна фигура
со центар за рамнотежа
Во мојот (секоја ноќ) ист сон
стотици рала износени
бели потпетици
се тркалаат кон тебе
Во мојот сон
Ти си сон
Трчаш по метроа
Ловиш трамваи
Во мојот сон се рушат авиони
И сонцето е само бледа сенка
на твојата светлина
Во мојот сон
Ти постојано некаде трчаш
Се фрлаш под возови
Скокаш од карпи
Во мојот сон
Ти коленичиш на еден перон
Пред чифт бели потпетици
пред една растопена восочна фигура без рамнотежа
Хаос во мојот продолжен сон
Во мојот секогаш ист сон
Авионите се мали
хартиени и се рушат
Плачам в сон
Ги дочекувам утрата на бели потпетици
Далеку е сонцето
Врз мене паѓа само твојата сенка
Јас сум семка
Закржлавена
Под твојата големина

октомври 16, 2009

МОЈАТА ТЕРЕЗИЈА

Јас и ти пред Колосеумот во Рим
Твојата тенка дланка врз цицката на Јулија
Свадбите на нашите брзи пријателки
Родендени Твои Мои
Плажи Журки
Пијани сватови Лигави мажи
Твоите топли писма од Америка
полни метафизички теории
Некакви мали женски сувенири
од секоја дестинација
Слики Писма Посвети
Предмети и многу спомени
Ми чекорат по циглите
Го движат тлото под мојот чаршав
Твојата терезија тропка под креветот
Маалските мачки раздразнето се парат
Светка нешто
како твоите очи при метафизички спор
Парчиња месечина кружат над мојата глава
Метафизички прашања се откинуваат од мојот ум
Солзи
Како полна месечина
Спинална болка во откорнатото
Недефинираното откорнато
Твоето отсутно присуство ме убива
Матката ми се расцепува
Реви ко мачка пред парење
Оти немам никого
Никого толку како Тебе
Никого како Ти
Ја нема мојата терезија
Мојата мечтателна
Мојата непредвидлива терезија
Само небесниот тег
Судбинскиот тас
тропка потресно
Адски
Плаче мојата матка
Реве мојата месечина
Како човек
Немам веќе никого
за метафизички спор

септември 23, 2009

ДРУГА ЕРА

Колку тешки
Некако стари чувства околу нас
Ко да сме се знаеле во некоја друга ера
Ко да ни биле очите отсекогаш
вперени едни во други
Ко да им го знам секој атом син
Сини се сосем
Без сенка и друга нијанса
Очи без сенка
Ко кај бела мачка Светат
Ко да им ги знам сите движења со зеницата
Сите зборови кои ги поседуваат
Сите кои умеат да ги комбинираат
Ко да ги знаат сите крици мои
Ко да ги слушнале некогаш во друга ера
И ко да ги предвидуваат
Додека лазат по моите бедра
По моите препони Бутини
По стомакот од кој ги впиваат
Соковите Гласовите
Молчиш Молчам
Очите ни вперени едни во други
Молкума се осознаваме
Молкума се откриваме
Молкума за миг си го прекинуваме
Животот Здивот
Триумфираме во молкот

јули 09, 2009

...на Кика

Никој жив не го научи
твојот бескрајно романтичен јазик
Составен од сите кованици за љубовта
Измешан со глаголи
на медитеранските војсководци и робови
кои ти сакаше да ги наречеш големи љубовници
(иако знаевме и двете дека мажите немаат чип за љубов)

Тебе Венеција ти беше мала
Рим валкан
Кина просечна
Куба бедна
Америка дебела
Европа импотентна

И додека ние останатите се дрогиравме со се и сешто
(најмногу со гнев кон сопствените тела)
Ти сонуваше со отворени очи
за Лондон и Париз
за Москва и Санкт Петербург
за некои времиња од романите на Толстој и Балзак

Не го најде коренот на својата лунатична душа
Не ја доживеа идеалната љубов
Ти прва во се
поита да се споиш
со душите на големите светски љубовници
да ги научиш изумрените медитерански јазици

Спиј бурно
Љуби романтично
додека ние бедно живуркаме
во нашите кожи на мали балкански робови

јуни 22, 2009

ВРАЌАЊЕ

Ти се враќаш
со истиот нефокусиран поглед
Ми клекнуваш
Ти се враќаш ист
ко одамна изгубена реалност
ко прооден од туѓ сон
Ти се враќаш сега
влечејќи се сосем
пред мене осамата
Ти сега се враќаш ист
кога сакам да сум сосем сама
ко прогонета
во некој за мене туѓ сон

април 06, 2009

ДЕН НА ЖАЛОСТ

Јас и Ана плачеме
Пред куќата на Македонија
Нема ни куче
Сами сме
И боси сме
И нашите балски фустани се вејат на бандерите
Нема војници на улицата
Ни тенкови
Ни мртви
А војна е
Вистинска
Војна на суети
Перјаници и натовци
Се сликаат крај Просјакот
Па крај Шмизлата
Тоа било ин
А војна е
Вистинска војна
помеѓу лудите
и ограничените
победува
кичот

април 01, 2009

ПРОМОЦИЈА НА „ВО АКВАРИУМОТ НА БАРБИ“

март 12, 2009

Мојата нова книга

Морам да се пофалам дека имам нова книга „Во аквариумот на Барби“ во издание на Блесок.


февруари 10, 2009

Толку малку (според Анти)

Толку многу те немам нестварен мој
што би можела и без допир да те деконструирам
и без ментален напор да се претворам во твоја рака
Толку многу си далечен
што би можела и без здив
да се конвертирам во флуид
и ко флуид да ги истражувам по себе
остатоците од твоите усни
Толку многу си недопирлив
што би можела да се трансформирам во скопска Грејс
и би можела да те претворам во мој сопствен Вил
Толку многу се губиш нестварен мој
што би можела да станам реконструкција во твоите дела
сериска муза од твојата комора
Толку многу исчезнуваш
што би можела и без движење
да ги раскинувам врските со реалниот свет
и без движење ко божем Ти
да навлегувам во сопствените депресии
Толку многу се сокриваш нестварен мој
што би можела и наизуст да ги научам твоите смс-и
и би можела да ги инкорпорирам твоите банални изговори во драма
Толку многу си нестварен
што би можела да ги објавам
нашите chat-ови на блог
и би можела да се вљубам во твоето отсуство
во твоето криење
во твоето бегство
во твојот страв
Толку многу си закопан некаде далеку
што би можела да го врескам твоето име и без да ме чуеш
и би можела да го засакам твоето платонско присуство
Толку многу си исчезнат од мојот свет
што би можела театрално да ги одгризам сопствените тетиви
и би можела да ги голтнам сите медикаменти од аптеката
Толку многу те нема со денови
тебе нестварен мој
тебе отсутен мој
тебе минат мој
тебе свршен мој
тебе несоницо моја
Толку многу те немам

Creative Commons License
Ovo djelo je ustupljeno pod Creative Commons licencom Sampling 1.0.