2010-02-02

ЛИТОСТ (Според еден збор кај Кундера)

Истанбул врие
Лие од секое каменче
Вака никогаш не врнело во Скопје
Театaр
Монодрама во малата хотелска соба
додека истородни кирилични букви
се лијат по моите набрекнати гласни жици
додека во прстите понира кундеровското чувство
додека флуктуира Литоста
Скопје е далечно Скопје е суво
Знам од нет
Ти си далечен Ти си без движења Нестварен
Знам од сеќавања
Никогаш толку јасно како сега
Само буква Процеп во меморијата
Временска пукнатина во ѕидините на Бизант
Тука не грми филмски Тука врне
без драматизација Џамиите застрашувачки
гласно ја извикуваат
ја повторуваат цело попладне страшната
буква од твоето име
како тоа да е сосема природно
како што е природно да чувствувам толку литост
поради фактите од твојот живот
твоите лични фобии
Фрустрации
Ротација Филмски сет
Султанските сводови
Атриумите Цистерните
Спинално се вртат околу сопствената оска
Како тоа да е сосема политички коректно
Како што е eтички коректно секој збор
да ја содржи таа буква
со лична симетрија И сe се врти
Ротира Босфор околу својата
четврта буква Магија
Историја во филџан кафе
Мал е и Босфор за да го удавам ова чувство
Оваа кундеровска литост
Мириса на предавство
На твојата прва буква Мириса на тебе
Илјадници кирилични букви
Од олуците Од минарињата кои врескаат
Од главата полна експлозии
Огномети Форми
Сини Големи Непредвидливи
Како ветрот Како тебе
Босфор ја завива својата четврта буква
застрашувачки гласно Камбаните пукаат
Мојата литост непопустлива е