ПРЕМИН



премин
од кошмарна ноќ полна вресоци
во утро без гласни жици
тивко и затегнато
го одложуваме будењето
за да не ја видиме празнината меѓу нас
не дишеме
лажираме сон
лежиме еден покрај друг
како кукли
како странци
како две големи салами
Лежиме на стомак
Егоистично
Како последни преживеани
Не зборуваме
Јас со солза на сред око
Ти со кнедла на сред грло
Само молчиме во гнев
Секој на својата страна од ѕидот
Го следиме празното
Додека останатиот свет
го вдишува последниот пролетен снег
Ние го претчувствуваме
Последното заедничко полудување
во празниот стан

***

Се убиваме сосема полека
Сосема тивко
Скоро немо
Сосема без движења
сосема без зборови
ние двајца веќе полумртви
на половините од нашите животи
трупови од мисли
трупови чувства
натрупани врз нашите безживотни тела
нашите хипер реални умови
нашите хипер интуиции
не мрдаме
само се гледаме
притаени ко ѕверови
во надеж дека другиот прв ќе трепне,
прв ќе згреши
прв ќе прозбори
прв ќе умре

Comments