Ти се влечеш на колена
(ама не пред мене)
Во мојот сон
Ти се влечеш на колена
(ама пред друга)
Во мојот сон
Јас купувам бели чевли
Купувам без контрола
Стотици рала бели чевли
Износени и нови
Во мојот сон
Јас сум само сенка
Ти си восок
Подрастопен
Смешна фигура
со центар за рамнотежа
Во мојот (секоја ноќ) ист сон
стотици рала износени
бели потпетици
се тркалаат кон тебе
Во мојот сон
Ти си сон
Трчаш по метроа
Ловиш трамваи
Во мојот сон се рушат авиони
И сонцето е само бледа сенка
на твојата светлина
Во мојот сон
Ти постојано некаде трчаш
Се фрлаш под возови
Скокаш од карпи
Во мојот сон
Ти коленичиш на еден перон
Пред чифт бели потпетици
пред една растопена восочна фигура без рамнотежа
Хаос во мојот продолжен сон
Во мојот секогаш ист сон
Авионите се мали
хартиени и се рушат
Плачам в сон
Ги дочекувам утрата на бели потпетици
Далеку е сонцето
Врз мене паѓа само твојата сенка
Јас сум семка
Закржлавена
Под твојата големина
No comments:
Post a Comment