2021-02-17

МЛАДАТА БАБА И ДВЕТЕ СЛАБИ ЖЕНИ


спирално излупени јаболкови кори и миризливи свеќи во различни бои стари грнци со поцрнети дна турнати во аголот над картите со неверојатни сликички кои претскажуваат се што утре може да се случи седната Младата Баба со хорор шминка околу испакнатите очи црвено руменило по виснатите усни рацете како рекламен излог за накит ги дочекува Двете Слаби Жени кои недоверливо се спојуваат со амбиентот Младата Баба уште пред да ги погледне Двете Слаби Жени засрамени и исплашени ги затвора очите се преселува во димензиите на блискиот милениум ги повикува да ја сплотат енергијата нејзините нурнувања во космичката енергија ги протресува ко грч Двете Слаби Жени и тие некако понизно и веќе сосема уверени во моќта на Младата Баба се предаваат во час на последна надеж нивните стеснети души се сплотуваат во желба да се овистинат сните Младата Баба веќе потоната во судбинското море гледа и што било и што ќе биде со глас отсечен и рапав нејзиниот здив се губи понекогаш во пламенот на свеќите понекогаш се чини дека Младата Баба сосема ќе исчезне од реалното опкружување дека додека ги крева и спушта рацете во брз транс ќе полета со килимот под себе Младата Баба проповеда со мистични зборови ја обликува тишината и зборовите кои се чини доаѓаат од дното на Земјата изречени со чуден акцент кој ја поткрева нејасноста на кажаното предвидување Младата Баба лови во времето уверливо не погледнувајќи во Двете Слаби Жени и ним повеќе не им е важно значењето на визијата Двете Слаби Жени би останале засекогаш во собата со спирално излупени јаболкови кори и расфрлени гравчиња со најразличен дезен прицврстени без здив во воздухот обременет со мирис на парафин би гледале без забелешка во фиктивниот перформанс би зјапале во себе-отсутните во себеси -невидливите актерки на виртуелниот танц Младата Баба сега ги гледа јасно ги гледа тие се убави и богати и сакани и нивните среќни деца се убави богати успешни тие се здрави некаква неидентификувана машка фигура се појавува во животите на Двете Слаби Жени и хепиендот е среќен редот на зборовите на Младата Баба е обратен бидејќи таа сега здогледува едно дотогаш непредвидливо дотогаш дотогаш тие мораат да се потрудат да ги следат нејзините совети за да ја елиминираат успешно магијата која гледа им е направена од блиска женска личност потребна е антимагија таа ќе им ја каже ќе ја направат не треба да се плашат од лошо повратно дејство женската личност во нивниот двор закопала нож под цвеќето ножот е со острицата свртен нагоре кон небото тоа ја продуцира негативната енергија и ги одвраќа успесите тие мораат да го откопаат ножот да го фрлат далеку да го попрскаат дворот со течност која ќе им ја даде Двете Слаби Жени вкочанети ментално вкочанети со секој мускул забораваат на вчера на утре на денес и неудобноста е уште понепријатна скепсата за среќа која како црна сенка ги следеше на патот до оваа пештера се всадува подлабоко свртена со острицата кон срцето Младата Баба ја спушта главата со затворени очни капаци го приземјува рекламниот излог за накит на празното место меѓу картите од кои ѕиркаат Смрт Љубов Надеж ги сместува леко канџите премачкани со црвена боја и со израз матен со глас рапав со глас заглушувачки и тивок уморно изговара дека силата на енергијата ослабнува повеќе следниот пат Двете Слаби Жени ги собираат вкочането зинатите усни очите приковани се спојуваат со темнината Двете Слаби Жени со брз страв и каење плаќаат додека подведнати го преминуваат ресестиот отвор Младата Баба со темето удира во масата пред себе испуштајќи глас кој наликува на ненадејно залипување или несреќна насмевка Двете Слаби Жени маѓепсано не се осмелуваат да ги свртат погледите

No comments: