2009-07-09

...на Кика


Никој жив не го научи
твојот бескрајно романтичен јазик
Составен од сите кованици за љубовта
Измешан со глаголи
на медитеранските војсководци и робови
кои ти сакаше да ги наречеш големи љубовници
(иако знаевме и двете дека мажите немаат чип за љубов)

Тебе Венеција ти беше мала
Рим валкан
Кина просечна
Куба бедна
Америка дебела
Европа импотентна

И додека ние останатите се дрогиравме со се и сешто
(најмногу со гнев кон сопствените тела)
Ти сонуваше со отворени очи
за Лондон и Париз
за Москва и Санкт Петербург
за некои времиња од романите на Толстој и Балзак

Не го најде коренот на својата лунатична душа
Не ја доживеа идеалната љубов
Ти прва во се
поита да се споиш
со душите на големите светски љубовници
да ги научиш изумрените медитерански јазици

Спиј бурно
Љуби романтично
додека ние бедно живуркаме
во нашите кожи на мали балкански робови

No comments: