2009-02-10
Толку малку (според Анти)
Толку многу те немам нестварен мој
што би можела и без допир да те деконструирам
и без ментален напор да се претворам во твоја рака
Толку многу си далечен
што би можела и без здив
да се конвертирам во флуид
и ко флуид да ги истражувам по себе
остатоците од твоите усни
Толку многу си недопирлив
што би можела да се трансформирам во скопска Грејс
и би можела да те претворам во мој сопствен Вил
Толку многу се губиш нестварен мој
што би можела да станам реконструкција во твоите дела
сериска муза од твојата комора
Толку многу исчезнуваш
што би можела и без движење
да ги раскинувам врските со реалниот свет
и без движење ко божем Ти
да навлегувам во сопствените депресии
Толку многу се сокриваш нестварен мој
што би можела и наизуст да ги научам твоите смс-и
и би можела да ги инкорпорирам твоите банални изговори во драма
Толку многу си нестварен
што би можела да ги објавам
нашите chat-ови на блог
и би можела да се вљубам во твоето отсуство
во твоето криење
во твоето бегство
во твојот страв
Толку многу си закопан некаде далеку
што би можела да го врескам твоето име и без да ме чуеш
и би можела да го засакам твоето платонско присуство
Толку многу си исчезнат од мојот свет
што би можела театрално да ги одгризам сопствените тетиви
и би можела да ги голтнам сите медикаменти од аптеката
Толку многу те нема со денови
тебе нестварен мој
тебе отсутен мој
тебе минат мој
тебе свршен мој
тебе несоницо моја
Толку многу те немам
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment