2006-02-20

ЛИФТ


Ja запознавам и неa како и сите останати, во еден убиствено ограничен простор во кој се обесени главите на моите пријатели, на моите бивши љубовници, на моите сегашни љубовници, на моите идни љубовници, сите глави кои не ги знам, а ме знаат, главите од кои течат сите муабети за мене. Ja запознавам како што сум ги запознал сите пред неa, во пијана состојба, во состојба полоша од смрт и со само една причина, затоа што е убавa. Убавa е и го знае тоа, и сигурно и таа како и сите убави жени кои поминале низ мојот живот, мисли дека ќе стекне трофеј ако барем една вечер биде видена со мене. Дојдена е со цел, знае дека нема да и одолеам, дојдена е затоа што некој ја излажал дека барам млади музи. Убава е, навистина е убава, висока е и мириса прекрасно, но јас знам дека нема ништо освен таа убавина, знам дека нема ништо под таа совршена фасада. Мојата муза туѓи коленици допира. Jа прифаќам нејзината игра. Играм со неа, играм ко за првпат, играм цела вечер и одеднаш се наоѓаме во еден многу стар лифт, во кој постои опасност да се заглавиме. Таа ја врти мојата глава кон едно старо лифт огледало, заедно сме во одразот на огледалото и јас се прашувам по милионити пат што правам јас со ова дете во лифтот и колку ли сум о, боже само пијан. Сака да ми влезе под ноктите, под кожата, ми вели дека сум најубавиот дечко у градот, мисли дека мене ми значат напамет научените фрази… сака да бидам само нејзин…о боже. Убава е, навистина е убава и убаво мириса, но мојата муза туѓи коленици допира. Мојата муза со сјајно темно месо, мојата муза без насмевка.

No comments: