ОД КАДЕ

Од каде повторно вие кога мислев
дека ве снема во сите времиња
Од каде исползувате пак
Ти
Твојата модра студена сенка
и тие изглодани дланки
Од каде посегате по мене
Како судбинска канџа
Како боговска шепа
Од каде пак истите
заитано грабате
да ми откинете матична клетка
да ми проголтате сѐ
брзо и во сите времиња
Од каде така озабени се отворате
вие грди
вие студено- модри
вие алчни
за да ми ја искинете со песјаци
со канџи да ми ја раскрвавите
душата
Од каде пак
ти и твоите демони
со мозоци ко џиновска вагина
ми се прикрадувате
за да ми ја исцицате страста
сласта
млечното од мојата кожа
смислата за среќа
да ми ја проголтате
славата
местото во светот
Модри сте
Студени
Одморени неколку векови
Гладни за чиста душа
Зрачите страв
сега
кога сакам да летам
да бегам
од овој век
од овој свет
од оваа дупка